Компанијата Muso за следење на пиратеријата објави дека во Велика Британија од почетокот на епидемијата на коронавирусот, посетувањето на сајтовите со пиратски филмови е зголемено за околу 43 проценти. И додека пиратеријата расте кога се во прашање филмовите, бројот на пиратските стриминг сајтови е во опаѓање, бидејќи нема спортски преноси во последните месец и половина.
Податоците на компанијата Muso ја покажуваат и статистиката за другите држави. Кога е во прашање Европа, Италија дефинитивно доминира во зголемување на пиратеријата од 66 одсто. Што се однесува до останатите податоци во Велика Британија, забележан е пад на пиратската телевизија за околу 5 проценти, како и пад од 50 одсто во спортските преноси. Податоците кои се споредувани биле од крајот на февруари годинава и биле собрани до крајот на март. Исто така, забележано е дека трендот на употреба на пиратеријата е таков што е тесно поврзан со зголемувањата на цената на официјалната, платена содржина.
Баш како што Netflix профитираше од оваа зараза, така и пиратските сајтови повторно се радуваат на големиот број посетители. Софтверската пиратерија стои нешто поинаку и таа е во пораст за околу 29 проценти во Велика Британија и САД, а повеќе од 41 одсто во Италија. Уредникот на TorrentFreak ги потврди бројките за кои извести Muso, и вели дека се во склад со очекувањата.