Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е уверен дека коронавирусот доаѓа од кинеска лабораторија за вирологија, но одби да даде докази, зголемувајќи ја на тој начин напнатоста со Пекинг, поради прашањето за потеклото на Ковид-19.

Тој рекол дека поседува докази, кои му дале „висок степен на увереност“ дека вирусот потекнува од Институтот за вирологија во Вухан.

„Да, да, имам. Не можам да ви го кажам тоа. Не ми е дозволено да ви кажам“ рекол Трамп, додавајќи дека планира нови санкции против Кина.

Кинескиот институт за вирологија во Вухан ги отфрли ваквите тврдења, додека други американски функционери ја намалија веројатноста за овие наводи. Повеќето експерти веруваат дека вирусот настанал на пазар на диви животни во Вухан и дека е пренесен од животните на луѓето.

Републиканскиот претседател последните недели поради пандемијата покажа се поголема фрустрација кон Кина. Пандемијата во САД одзеде десетици илјади животи, поттикна забавување на економијата и му ги намали шансите на Трамп повторно да биде избран за претседател.

Трамп и претходно кажуваше дека неговата администрација се обидува да утврди дали вирусот потекнува од лабораторија во Вухан, по медиумските објави дека можеби веѓтачки е синтетизиран во кинеска лабораторија.

Епидемијата на коронавирусот ги поткопа односите меѓу САД и Кина, со тоа што Пекинг обвини дека американската војска го донела вирусот во Кина, додека пак Трамп вели дека Кина не успеала правовремено и транспарентно да го предупреди светот на ризик од коронавирусот.

Трамп одби да каже дали кинескиот претседател Си Џинпинг е одговорен за она што тој смета дека е дезинформација за настанокот на коронавирусот.