Досега најмногу се занимававме со ХИВ, маларија и со детска парализа, но работите се менуваат. Ние ќе ги пренасочиме сите наши ресурси за да се бориме против пандемијата на коронавирусот, изјави американскиот мултимилионер Бил Гејтс, коосновач на „Мајкрософт“, за „Фајненшл тајмс“.

Неговата фондација управува со повеќе од 40 милијарди долари и досега инвестира 250 милиони долари за пронаоѓање вакцини, дијагностички апарати и помош на африканските и јужноазиските земји.

„Некои бизниси што не се однесуваат на здравството, како што се образованието и училиштата, се пренасочија со цел да најдат начин да ја подобрат онлајн-наставата. Поради пандемијата, глобалната економија ќе претрпи загуба од десетици милијарди долари и ќе закрепнува со години“, рече Гејтс.

Во Америка бројот на заразени лица е речиси еден милион, во моментот изнесува 988.000 пациенти со новиот вирус. Гејтс ја коментира и одлуката на Трамп да престане да ја финансира Светската здравствена организација (СЗО) во текот на пандемијата, што многу здравствени експерти го означија како скандалозен потег.

„Ова е многу опасно, СЗО е важна институција и ние треба да ја поддржиме, а не да ѝ ги укинуваме средствата. Мислам дека по темелна анализа, ќе сфатат дека треба да ѝ се дадат повеќе, а не помалку пари“, рече Гејтс.