Со лансирањето на Yaris во спортска GR верзија, Toyota ги маѓепса возачките ентузијасти ширум светот, а сега оди чекор понатаму и претставува револуционерна комбинација.

Експерименталниот GR Yaris е на водороден погон, а се придвижува од погонска единица од Corolla Sport која моментално се натпреварува во серијата Super Taikyu во Јапонија. Станува збор за експериментална технологија на мотор со внатрешно согорување кој користи водород како гориво. Резервоарите за гориво и процесот на полнење гориво се исти како кај Mirai, на пример, но овде водородот не се користи за хемиска реакција во горивни ќелии и електрична енергија, туку сега го придвижува моторот со внатрешно согорување.

Така, тоа значи задржување на звучните и сензорните дразби типични за моторите со внатрешно согорување, но со нула емисија во исто време. Toyota работи на оваа технологија од 2017 година и моментално има примена во мотоспортот.

Експерименталниот GR Yaris со водороден погон го користи истиот 1.6-литарски G16E-GTS мотор со три цилиндри и турбополнач, но со модифициран систем за снабдување и вбризгување на гориво за користење на водород како гориво.

Водородот гори побрзо од бензинот, што дава добар одговор, а во исто време има многу мало влијание врз животната средина. Покрај тоа што е исклучително чисто, согорувањето на водород има дополнителен потенцијал бидејќи искуството е исто во однос на звукот и чувството како возење класичен автомобил на бензин.

Извор: Додај Гас