Сервисот за стриминг на музика Apple Music е проширен со нова опција. Отсега музиката од овој сервис е можно да се слуша и преку интернет прегледникот на поголем број платформи како што се Windows, Linux и Chrome OS.

Веб верзијата на Apple Music сега е достапна во голем број на земји (не и во нашата држава, во која не е достапен ни најголемиот конкурент Spotify) и излезе од бета фазата, во која беше од септември минатата година.

Верзијата во веб-прегледникот ги надополнува постоечките мобилни и десктоп апликации и ги нуди истите опции како што се For You, Browse и Radio секциите, плејлисти (кои можат да бидат и персонализирани) и музичките препораки (што ги вклучува и Apple Music Replay миксовите).

Apple Music моментно има околу 60 милиони претплатници и исто така околу 60 милиони песни достапни во AAC формат. Корисниците се пријавуваат во сервисот преку Apple ID сметката.