Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека нема докази кои укажуваат дека присуството на антитела во крвта може да утврди дали некој е имун на коронавирус.
Д-р Мајк Рајан, извршен директор на управување со здравствени состојби во СЗО, во петокот изјави дека сè уште нема индикации дека огромното мнозинство од населението развило имунитет.
„Постојат очекувања, можеби, дека имунитетот е постигнат и повеќето луѓе во општеството веќе развиле антитела. Мислам дека општите докази упатуваат на спротивното, така што ова можеби нема да ги реши проблемите со кои се соочуваат светските влади“, рече тој.
Бројот на заздравените пациенти од коронавирус кои се тестирани и повторно се покажале позитивни, предизвика загриженост кај голем број научници ширум светот, особено од аспект на тоа дека антителата делуваат како одговор на ковид-19. Научниците велат дека сè уште нема докази дека повторно заразено лице може да ја пренесе инфекцијата.