Amazon гради лабораторија за тестирање на своите работници на COVID-19.

Тоа е последниот напор на компанијата да ги заштити работниците кои се во паника додека вирусот се шири во магацините на Amazon, објави The Verge.

Во повеќе од 50 објекти во сопственост на Amazon во САД потврдени се случаи на коронавирус, според податоците кои ги собрал Financial Times.

Во блогот во кој се најавени напорите, Amazon соопшти дека недостатокот на капацитет за тестирање ги отежнува напорите луѓето да бидат безбедни и економијата одржлива.

Оние кој ќе бидат позитивни на тестот, можат да бидат ставени во карантин и за нив треба грижа, а секој кој ќе биде негативен на тестот, може да “влезе” во економијата со самодоверба, наведуваат од компанијата.

Amazon ги прераспоредува сопствените експерти за изградба на лаборатории и се надева дека наскоро ќе започне со тестирање.

Тим на Amazon со најразлични вештини, од научни истражувачи и раководители на програми до специјалисти за набавки и софтверски инженери, се прераспоредени од своето вообичаено работно место во наменски тим кој работи на оваа иницијатива, истакна Amazon.

“Започнавме со составување на опремата која ни е потребна за да ја изградиме првата лабораторија и се надеваме дека наскоро ќе започнеме со тестирање на мал број наши вработени кои се во првите редови”, наведено е во соопштението на Amazon.