Американскиот производител на спортска облека Nike извести за скок од 30 проценти во продажбата преку интернет во Кина, по затворањето на физичките продавници поради заразата од коронавирус.

Американската компанија ги затвори повеќето продавници во светот, a во вторникот објави дека во Кина повторно отворила 80 проценти од продажните места.

„Очекуваме следните неколку недели да биде многу предизвикувачки период“, изјави извршниот директор на Nike, Џон Донахју, коментирајќи ја ситуацијата во САД и Европа.

Се надева дека ќе можат да ги употребат научените лекции од Кина за успешно да се носат со мерките за изолација на западните пазари.

„Потрошувачите се вратија во продавниците. Честопати со маски, но се вратија“, коментира Донахју за ситуацијата во продажните места во Кина.

Во период од три месеци, заклучно со февруари приходите на Nike во Кина паднаа за пет проценти, на 1,5 милијарди долари, пренесува BBC. Беше тоа прв пад во Кина за американска компанија во последните речиси шест години.

Продажбата преку интернет скокна за 36 проценти и во Nike се надеваат дека тој тренд ќе им помогне во ублажување на падот на приходите поради затворањето на физичките продавници.

“Извонреден раст” е забележан и во сегментот апликации за личен тренинг во Кина, дизајниран за вежбање од дома. Активноста на корисниците се зголемила за 80 проценти, бидејќи многу Кинези во тоа време останале дома.

Производителот на спортска облека исто така најави дека ќе продолжи со лансирање нови производи посветени на Олимпијадата „кога ќе дојде подобро време“.

Nike промовира одржлива облека изработена од материјали која може да се рециклира.

Меѓународниот олимписки комитет во вторникот објави дека ќе ги одложи Олимписките и Параолимписките игри во Токио во следната година поради пандемијата коронавирус.