Компаниите Amazon, Facebook, Google и Microsoft ги охрабруваат вработените во Сиетл да работат од дома поради загриженоста од новиот коронавирус, што се шири во светот. Истото од своите вработени го побара и корпорацијата Alphabet, во рамки на која работи Google.

Наредбата се однесува на речиси сите 100.000 вработени во 11 канцеларии ширум САД и Канада. Корпорацијата Alphabet е последна во низата компании која донесе ваква одлука, откако бројот на случаи на заразата на коронавирус се зголеми на речиси 1.000.

Канцелариите ќе останат отворени само за вработените чии работи бараат нивна присутност на работното место. Минатата недела Google, како и Amazon, Microsoft и Facebook, им препорачаа на вработените во Сиетл да работат од дома, бидејќи коронавирусот се шири во државата Вашингтон.

Во компаниите Amazon и Facebook, веќе има заразени со коронавирус, а бројот на заболени во Америка е сè поголем. Се огласи и Twitter, кој исто така ги замоли своите вработени да работат од дома.