Официјалното претставување на Samsung Galaxy Note 20 ќе биде во третиот квартал доколку Samsung се придржува кон својата традиционална стратегија на пазарот на паметни телефони. Податоците за регистрација на патенти на корејскиот гигант откриваат интересни детали за Galaxy Note 20.

Атрактивниот изглед на уредот ќе вклучува дисплеј кој е заоблен од четири страни и елегантно се „влева“ во самата рамка. Сепак, смартфонот ќе понуди физички копчиња на металната рамка што ќе функционираат преку специјални отвори во стаклото, пренесува TechRadar. Ве потсетуваме дека со Galaxy S20, заоблувањата околу екранот се многу помали, а тоа е една од најголемите разлики во однос на Galaxy Note 20. Овој концепт ќе и овозможи на компанијата да се натпреварува поуспешно со Oppo која работи на слична технологија наречена waterfall екран.

Скиците поврзани со патентните документи покажуваат присуство на три селфи-камери во предниот дел, како и 3,5 милиметарски аудио приклучок. Другите спецификации ќе содржат подобра верзија на S-Pen и дисплеј од 6,8 или 6,9-инчи, кој поддржува стапка на освежување од 120Hz. Исто така, во јужнокорејската компанија размислуваат да користат вграден проектор во Galaxy Note 20. Функцијата не се наоѓа во кој било друг паметен телефон на пазарот и ќе се претвори во ново оружје на уредот.