WhatsApp во почетокот имаше малку мешан бизнис модел. Компанијата првобитно им наплатуваше на корисниците годишна претплата, но подоцна ја укина и оттогаш апликацијата е бесплатна за користење. Кога го купи Facebook, немаше сомневање дека компанијата планираше да заработи од апликацијата, но како тоа точно ќе го направи?

Минатата година WhatsApp потврди дека ќе вметнува реклами во ажурирањето на статусите, слично на Instagram Story секцијата, но сега според извештајот на Wall Street Journal, Facebook се откажува од тие планови. Извештајот тврди дека залагањето на компанијата Facebook за заработи од WhatsApp била причината поради која основачите на апликацијата поднеле оставка и си заминале од компанијата.

Извештајот понатаму наведува дека Facebook основал и тим кој ќе ги разгледува начините за заработка од апликацијата, но овој тим е распуштен, а досегашната работа е избришана од кодот на WhatsApp.

Тоа значи дека Facebook, барем засега, нема да воведува реклами на WhatsApp, но со толку голема активна корисничка база сигурно е дека Facebook тоа ќе го ревидира во иднина. Меѓутоа, кога или како планираат да и пристапат на проблематиката останува да се види, но засега изгледа дека WhatsApp останува без реклами.