Американската компанија Amazon, гигант во онлајн трговијата, пред јавноста откри дека во цел свет вработила повеќе од 250.000 луѓе со “полно и скратено работно време” за време на сезоната на новогодишните празници.

Станува збор за проширување на мрежата на оваа компанија и за пополнување работни места во магацини и системи за испорака. Amazon наведе дека веќе постигнала рекордна продажба на десетици милиони производи, но не наведе детали.

„Оваа празнична сезона беше најдобра досега, благодарение на нашите клиенти и вработени ширум светот“, кратко прокоментира извршниот директор и основач Џеф Безос.

Amazon има околу 800 приватни добавувачи за стока со околу 75.000 вработени возачи низ САД. Од оваа компанија не зборуваа за конкретните податоци за празничната понуда, но наведоа дека станува збор за рекорден број и милијарди нарачани стоки ширум светот, вклучувајќи десетици милиони уреди од марката Amazon.

Таа компанија има 750.000 вработени во светот. Во САД има 150 дистрибутивни центри во кои се вработени 90.000 луѓе, соработници на Amazon Logistics.