„HTC престана да создава иновации во хардверот за паметните телефони“, прокоментира новиот извршен директор на компанијата, Ив Мејтрес, пред „ТекКранч“.

Тој рече дека компаниите како Apple, Samsung и Huawei направиле неверојатна работа инвестирајќи во нивниот хардвер.

„Не го сторивме тоа затоа што инвестиравме во иновации во виртуелната реалност“, вели Мејтрес.

HTC со години се бори со проблемите. Во вториот квартал, тајванскиот производител на хардвер објави петти последователен квартал во загуба. Минатиот јули, тој скрати четвртина од својот персонал. Во 2011 година, компанијата имаше 11% од глобалната продажба на паметни телефони, а сега влегува во колоната „други“ во извештаите за индустријата.

Според новиот извршен директор, таа не проценила кога е вистинското време за инвестирање, што е сериозна грешка за која моментно плаќа. Сепак, според неговите зборови, HTC сè уште „има толку многу средства во однос на иновациите и тим“ што тој верува дека организацијата оди кон закрепнување.