Huawei покрена нова правна тужба против Соединетите Американски Држави поради тврдењата дека кинескиот техно гигант претставува безбедносен ризик.

Тужбата доаѓа откако Федералната комисија за комуникации на САД (FCC) им забрани на американските телекомуникациски оператори да купуваат опрема од Huawei со пари од државниот фонд.

Поради новите обвинувања од САД дека Кинезите го користат Huawei за шпионажа, a сето тоа поради односите со кинеската влада, од техно компанијата цврсто тврдат дека нема закани по безбедноста.

Huawei бара од Апелациониот суд на САД да ја поништи одлуката, со која на мобилните оператори во руралните делови на Америка им се забранува користење пари од владиниот фонд за помош во купување инфраструктурна опрема од кинеска компанија.

Говорејќи на прес-конференција во седиштето на Huawei во Шенжен, главниот правен директор на компанијата, Сонг Липинг рече: „Владата на САД никогаш не презентираше вистински докази што покажуваат дека Huawei претставува закана за националната безбедност. Ова е затоа што тие докази не постојат”.

Ова е веќе втор правен случај што Huawei го поведува против политиките на администрацијата на американскиот лидер Доналд Трамп.

Huawei започна слична правна акција во мај, оспорувајќи ја одлуката да им се забрани на американските државни агенции да купуваат опрема.

Да потсетиме, Huawei има водечка улога во производство и продажба на клучна технологија за 5G телекомуникациската инфраструктура од следната генерација.