Судејќи според информациите кои ги пренесува холандската страница LetsGoDigital, кинеската компанија Oppo наскоро ќе стане уште еден од производителите на паметни телефони кој ќе произведува сопствени чипови за своите мобилни уреди.

Сајтот како доказ за тврдењата објави барање за заштита на патент на кинеска компанија при Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија (European Union Intellectual Property Office – EUIPO).

Иако чипот веќе е пријавен под името Oppo M1, сè уште не е јасно дали станува збор за процесор за смартфони од кинеската компанија или чип со друга намена.

Oppo претходно најави голем пораст на сопствените вложувања во секторот за истражување и развој. За таа цел, ангажирани се нови експерти доведени од компаниите како што се Speadtrum и MediaTek.

Се претпоставува дека новиот чип би можел да биде претставен уште за време на Мобилниот светски конгрес во Барселона, што ќе се одржи во февруари 2020 година.

Покрај Oppo, Samsung и Huawei произведуваат свои процесори за своите мобилни уреди.