Веројатно на многумина им е позната фотографијата која често се нарекува бледа сина точка, а која е првиот приказ на нашата планета од далечните краеви на Сончевиот Систем. Фотографијата била направена од „Војаџер 1“, кој на 14 февруари 1990 година на дотогаш рекордна оддалеченост од 6 милијарди километри со помош на 60 снимки создал мозаик од изгледот на Сончевиот Систем.

Зад Нептун

Земјата на таа снимка можеме да ја видиме како мала сина точка голема како еден пиксел, сместена во средиштето на еден светлосен зрак. „Војаџер 1“ тогаш бил на излегување од Сончевиот Систем, а од НАСА, на барање на познатиот астроном Карл Сејган, му наредиле да се сврти и својата камера да ја насочи кон нашата планета за да ја направи последната слика од Земјата и огромниот Сончев Систем.

Бледата сина точка што на таа фотографија едвај се гледа прикажува како би ја гледале нашата планета доколку се наоѓаме зад Нептун, осмата и последна планета од Сончевиот Систем.

Поглед од Меркур

Како што напредуваа вселенските програми и како што со леталата луѓето стигнуваа до разни планети кои покрај Земјата орбитираат околу Сонцето, така имавме сè повеќе можности за набљудување на нашата планета од различни агли на вселената.

На 6 мај 2010 година леталото на НАСА наречено „Месинџер“ (Mercury Surface, Space Environment, Geochemistry, and Ranging – MESSENGER) направи фотографија од Земјата и Месечината додека се наоѓаше во орбитата на Меркур, на 183 милиони километри оддалеченост од Земјата (фотографијата долу).

Меркур е планетата што е најблиску до Сонцето и речиси трипати е помала од Земјата. Температурата на површината се менува од -173 Целзиусови степени навечер до +427 степени преку ден.

Поглед од Марс

Снимката на Земјата направена од Марс е првата фотографија од нашата планета која е направена од друга. Таа е направена на 3 октомври 2007 година од леталото МРО (Mars Reconnaissance Orbiter), кое се наоѓаше во орбитата на Црвената Планета, на оддалеченост од 142 милиони километри од Земјата. На снимката може да се види западниот брег на Јужна Америка (види слика долу).

Марс е четвртата планета по оддалеченост од Сонцето и е речиси напола од нашата планета.

Поглед од Сатурн

Вселенското летало „Касини“ првпат од орбитата на Сатурн ја фотографира нашата планета на 19 јули 2013 година, на оддалеченост од 844 милиони километри (сликата подолу). Земјата е малата сина точка.

Кога „Касини“ по 20-годишното вселенско истражување на 15 септември 2017 година требаше да ја заврши својата мисија, неколку дена порано ја сними последната слика од нашата планета додека од неа беше оддалечено 1,4 милијарда километри.

Сатурн е шестата планета по ред во нашиот Сончев Систем. По волумен и маса се наоѓа веднаш зад најголемата планета – Јупитер. Сатурн е гасовит џин, а најпознатото обележје на оваа планета се прекрасните планетарни прстени, кои го опкружуваат Сатурн во 7 појаси.

Извор: Index.hr