Безбедносните аларми се активираа на Меѓународната вселенска станица (МВС) откако екипажот пријави дека се чувствува чад и мирис на запалена пластика. Наводно пожарот настанал во просторот на екипажот на рускиот модул Звезда.

Според BBC, чадот бил почувствуван до американскиот дел од станицата додека се менувало напојувањето во станицата, но во меѓувреме инцидентот бил решен.

Во последниве години имаше неколку слични инциденти во рускиот дел на станицата поради застарена опрема, и доколку овој проблем не се реши наскоро, може да настане многу поголема штета.

„На најмалку 80 проценти од опремата е истечен рокот на траење“, вели главниот инженер Владимир Соловиов од компанијата „Енергија“ која е задолжена за развој на руски вселенски модули.

МВС е изградена во 1998 година како заеднички проект на Русија, САД, Канада, Јапонија и неколку европски земји, и првично беше дизајнирана да работи 15 години.

Русија во април објави дека можно е да се отцепи од оваа заедничка станица и да изгради своја до 2030 година, но уште ништо не е финализирано.

Во моментов во МВС има двајца космонаути од Русија, тројца астронаути од САД, еден од Франција и еден од Јапонија.

Извор: Vecernji.hr