Microsoft вчера го претстави Surface Laptop 3, кој пристигнува со некои позначајни измени во поглед на дизајнот. Па така, компанијата прв пат одлучи да прикаже 15-инчна варијанта на Surface лаптопот. Од уредот може да се отстрани горниот дел на тастатурата за полесно поправање, хард дискот е заменлив и лаптопот прв пат има машинска алуминиумска завршница.
Кога се во прашање спецификациите, Surface Laptop 3 е многу интересен уред. Пристигнува во варијанти и со Intel и AMD процесор. Intel моделот пристигнува со Ice Lake процесори од десеттата генерација, кои се и први 10 нанометарски процесори на Intel. Меѓутоа, ова се однесува само на Surface Laptop 3 верзијата од 13.5 инчи.
За новите 15-инчни модели, Microsoft го резервираше прилагодениот AMD процесор заснован на Ryzen 7 чипсет. Microsoft го нарекува AMD Ryzen Microsoft Surface Edition и тврди дека ова е најбрз чипсет на било кој лаптоп во оваа класа, како и дека во прашање е најбрз мобилен процесор, кој AMD било кога го креирал. Лаптопот има и AMD Radeon RX Vega 11 графичка картичка.
Компанијата направи и некои подобрувања во однос на полнењата, а се сугерира дека Surface Laptop 3 полначот може да ја наполни батеријата до 80 проценти за еден час. Уредот има и за 20 отсто поголем тракпад, кој е двојно побрз отколку кај Surface Laptop 2 моделот.
Surface Laptop ќе биде достапен во платиниум, црна и новата “sandstone” боја. Моделот од 13.5 инчи ќе има почетна цена од 999 долари, додека 15-инчниот модел ќе има стартна цена од 1199 долари. Двата лаптопа се достапни за преднарачки, а на пазарот ќе пристигнат од 22. октомври.