Xiaomi го претстави Mi 9 Pro телефонот, кој пристигнува со најновиот чипсет на Qualcomm и побрза опција за полнење. Смартфонот го покренува Snapdragon 855+ и има до 12GB RAM.
Присутен е 6,39-инчен OLED екран, во кој е вграден сензор за отпечатоци од прсти, додека на задната страна се наоѓаат три камери со 48MP главен сензор.
Извршниот директор на компанијата Xiaomi, Леи Јун во текот на презентацијата цело време ја потенцираше Mi 9 Pro 5G варијантата, но во понудата ќе биде и 4G модел.
Xiaomi за Mi 9 Pro претстави и поголема батерија (4000mAh) и подобрена опција на полнење во споредба со Mi 9 претходникот. Новиот телефон поддржува полнење до 45W преку кабел (соодветен полнач е вклучен во пакувањето), додека безжичното полнење сега има опција за 30W. Безжичното полнење со споменатиот капацитет е постигнато благодарение на специјален Xiaomi безжичен сталак (pad), новата архитектура и дополнително ладење. Mi 9 Pro има и реверзибилно полнење од 10W.
Уште една надградба во однос на Mi 9 е новиот звучник, кој ја има најголемата комора за звук на било кој Mi телефон досега, а би требало да нуди посилен и подобар звук од било кој претходник.