Изворите на сајтот 9to5Google сугерираат дека новиот Chrome OS уред, за кој се верува дека ќе го носи името Pixelbook Go, ќе биде релативно стандарден лаптоп со екран осетлив на допир. Уредот нема да биде ни таблет, ни конвертибикен модел, а ќе се издвојува преку конвенционални надградби, од која барем една ќе биде реткост за Chromebook уредите.

Централната карактеристика на лаптопот ќе биде опционалниот 4K дисплеј, за оние на кои стандардниот 1080p екран не им е доволен. Дисплејот ќе има 16:9 однос на страници. Корисниците можат да очекуваат и помоќни звучници, како и полесно куќиште од легура на магнезиум.

Останатите елементи ќе бидат позајмени од претходните модели, вклучувајќи ги предните микрофони и Titan C сигурносниот чип, како и USB-C портовите. Изборот на процесори ќе се движи од Intel Core m3 до Core i7, а ќе биде достапно до 16GB RAM и 256GB простор на складирање.

Доколку се точни гласините, Pixel Go се очекува на 15. октомври, во текот на настанот на Google во рамките на кој се очекува и претставување на новите Pixel 4 смартфони.