Кинескиот технолошки гигант „Хуавеј технолоџис“ објави дека е активно заинтересиран за поставување на првиот подводен оптички кабел помеѓу Јужна Америка и Азија.

Компанијата со голем интерес го следи тендерскиот процес кој Чиле го почна во јули и ќе одговори на повикот за доставување  понуда за воспоставување на транс-пацифичка комуникациска врска, изјави за „Ројтерс“ извршниот директор на чилеанската филијала на „Хуавеј“, Дејвид Ду Јонг.

„Јавниот тендер има неколку фази… Ние сме подготвени и ќе ја следиме постапката сè додека не почне изборот на компанија на која ќе ѝ биде доверен проектот. Сигурно ќе учествуваме на јавниот тендер“, додаде тој.

Неговата изјава е во спротивност со најавата на кинеската телекомуникациска компанија „Хенгтонг оптик“ од пред два месеца, дека со „Хуавеј“ потпишале писмо со намери да го откупи неговиот бизнис за инсталација на подводни кабли.

Прашан да ја разјасни наводната продажба на овој дел од бизнисот на „Хуавеј“ и евентуалните последици од тоа, првиот човек за односи со јавност на компанијата, Веијанг Жоу, рече дека трансакцијата не е потврдена.

„Тоа излезе во јавност пред неколку месеци, но не е потврдено. Конечна одлука не е донесена“, рече Жоу.

Во средата во главниот град на Чиле, Сантијаго, „Хуавеј“ промовираше центар за податоци во облак, како дел од инвестиција вредна повеќе од 100 милиони долари.

Кинеската компанија се обидува да лобира за да ја охрабри чилеанската влада да ги чува своите податоци во облак.