Социјалната мрежа Facebook објави дека ќе ја промени својата досегашна политика и ќе им овозможи на корисниците да ги гледаат и контролираат податоците кои другите интернет-страници и апликации ги користат од социјалната мрежа за подобро да ги насочат своите маркетинг-кампањи. Со ова, технолошкиот гигант сака да покаже дека ја јакне заштитата на личните податоци на своите корисници.

Всушност, компанијата го најави лансирањето на долгоочекуваната алатка што ќе им овозможи на корисниците да ја блокираат можноста социјалната мрежа да собира информации за нив.

Facebook објави дека ќе додаде место каде корисниците ќе можат да ги видат нивните активности што Facebook ги следи надвор од својот сервис и доколку сакаат, ќе можат да ја исклучат ваквата можност.

Оваа алатка денеска ќе биде официјално достапна во Јужна Кореја, Ирска и Шпанија, а во наредните месеци ќе стане достапна и за корисниците во други земји.

Facebook се соочува со зголемена контрола од страна на владата во однос на практиките за приватност кои ги применува компанијата.

Извршниот директор Марк Цукерберг пред повеќе од една година објави дека компанијата активно работи на функцијата што денес е промовирана.