Фановите на носечките уреди на Apple имаат на што да се радуваат во претстојниот период, а судејќи според информациите кои се појавуваат, следниот Apple Watch ќе имплементира некои поголеми измени.
Се очекува дека Apple Watch Series 5 измените ќе бидат првенствено на полето на естетиката и техничките елементи, а аналитичарот Минг-Чи Куо сугерира дека паметниот часовник ќе добие OLED екран од компанијата Japan Display. Преминот на OLED би требало да го подобри работниот век на батеријата на паметниот часовник со доминатно темен или црн дисплеј.
Покрај ова, се сугерира дека ќе постојат два нови модела, со куќишта од керамика и титаниум, а двата ќе имаат големина од 44 милиметри. Овие премиум материјали никогаш досега не се користеле на Apple Watch моделите и би можеле да ја подобрат сликата за часовниците како луксузни уреди.
Засега не е официјално објавено дека името на претстојната Apple Watch линија ќе биде Watch Series 5, а компанијата би можела да се одлучи и за освежена верзија на Apple Watch 4 серијата. Компанијата од Купертино своите нови паметни часовници би можела да ги претстави на настанот во септември, заедно со новата iPhone 11 линија.