Фејсбук нуди милиони долари на производителите на вести за да ја користи нивната медиумска содржина во секцијата вести, за која, компанијата се надева дека ќе ја започне на крајот на годината.

Претставници на Фејсбук рекле дека се подготвени да платат и до три милиони долари годишно за лиценца за комплетни текстови, наслови и преглед на текстовите. Извори упатени во темата наведуваат дека меѓу изворите на вести со кои Фејсбук сака да соработува се „ЕјБиСи Њуз“ на Волт Дизни, сопственикот на „Вол Стрит Џурнал“, Доу Џонс, „Вашингтон Пост“ и „Блумберг“, пишува „Вол Стрит Џурнал“.

Плановите на оваа компанија се откриени во моменти кога се соочува со се повеќе критики, поради нејзината улога во борбата со медиумската индустрија да собере што повеќе приходи од огласувањата. Фејсбук и Гугл минатата година заработиле 60 отсто од сите приходи од дигитално огласување во САД.

Договорот за лиценца за вести меѓу Фејсбук и медиумите ќе трае три години. Фејсбук планира да започне секција за вести во текот на есента. Се уште не е познато дали некоја медиумска куќа прифатила да лиценцира своја содржина за Фејсбук.