Елон Маск,  главниот извршен директор на компанијата „Спејсикс“, по успешениот пробен лет на ракетата „Стархупер“, најави дека неговата компанија планира да го заврши прототипот „Старшип“, летало што треба да пренесе и до 100 луѓе на Месечината и на Марс. Според него, првиот пробен лет на леталото треба да се изврши за 2 до 3 месеци. „Спејсикс“ моментално гради прототипови на „Старшип“ во своите погони во Тексас и Флорида, а Маск преку „Твитер“ се пофали со напредокот.

„Штотуку заминавме од местото на изградбата на ‘Старшип’ во Тексас. Горд сум на напредокот што го постигна тимот на ‘Спејсикс’“, напиша тој.

На фотографијата е прикажана преграда во форма на купола пред да се постави на врвот на цилиндрично-челичната рамка на прототипот на летало. На сликите се гледа и структурата која Маск ја нарекува ветробран, а се користи против ветер во Тексас.

Целта на пробните летови на „Стархупер“ е да се олесни постапката на лансирање и слетување на вселенските летала, додека самиот „Старшип“ се гради за превоз на луѓе.

„Спејсикс“ во јули успешно изведе пробно лансирање и слетување на ракетата „Стархупер“, при што ракетата успеа да се издигне високо во воздухот (целта на компанијата била 20 метри), пред да слете во фабриката на компанијата „Бока Чика бич“ во Тексас.