Huawei за три месеци ќе го одложи лансирањето на својот смартфон Mate X. Тоа е уште еден проблем за компанијата, која во мај беше погодена од американските санкции, пренесува „Ројтерс“.
Mate X кој е главен конкурент на Samsung Galaxy Fold, се очекува да биде објавен глобално во септември, истакна Винсент Пан, шеф за корпоративни комуникации на Huawei, зад кулисите на конференцијата WSJ Tech D.Live во Хонгконг. Уредот првично беше закажан за пазарна премиера во јуни.
Одложувањето се случува во момент во кој смартфоните на Huawei остануваат без надградби од оперативниот систем Android, откако САД им забранија на локалните компании да работат со кинеската компанија.
Според шефот на Huawei, одложувањето на продажбата на смартфонот не е поврзано со забраната, и дека компанијата е во процес на сертификациски тестови на голем број уреди, кои се очекува да бидат завршени во текот на август.
Пан прокоментира и дека во рок од девет месеци, Huawei може да го објави својот оперативен систем Hongmeng, кој се уште е во фаза на тестирање.