Претворањето на iPhone во прав и неговото разложување во киселина ги открива сите хемиски елементи кои ги содржи паметниот телефон, но го открива и масивниот рударски потфат кој е потребен за производство на нови смартфони.

Со вистинскиот алат може многу лесно да се ѕирне во внатрешноста на телефонот за да се откријат сите различни компоненти од кои тој е сочинет. Но, гледањето во компонентите не открива што се наоѓа во нив и колку хемиски елементи тие содржат.

За да се открие токму ова, потребно е да го претворите телефонот во прашина и потоа да извршите хемиска анализа. А токму тоа е она што го направиле д-р Арјан Дијкстра и д-р Колин Вилкинс, геолози од универзитетот во Плајмаут.

Тие земале еден iPhone и го сомлеле во фин прав. Притоа го снимиле целиот процес и направиле видео кое точно открива колкава количина на хемиски елементи се наоѓаат во него.

Количината на хемиски елементи која се наоѓа во еден iPhone е можеби мала, но за да стигнете до неа потребно е многу рударење кое вклучува 10 до 15 килограми руда – и тоа за само еден телефон. Ако помислиме на бројот на телефони кои се произведуваат секоја година, штетата која ѝ се прави на нашата планета е навистина вознемирувачка.

Извор: Telegraf.rs