Нашите далечни роднини, неандерталците, биле послични на Усеин Болт, отколку на Мохамед Фара – во зората на цивилизацијата, било поважно да си брз отколку издржлив, покажа едно најново истражување.

Спринтерите повеќе преживувале од маратонците. Издржливите немале некои големи шанси, бидејќи поголема била веројатноста дека нешто ќе ги изеде пред да имаат шанса да покажат колку се издржливи.

Затоа, неандерталците биле способни експресно да постигнат забрзување што им го спасувало животот, покажа едно најново истражување. Оваа теза ги доведува во прашање постарите теории според кои неандерталците биле ниски и набиени, прилагодени да трчаат на долги патеки.

Новото истражување покажува дека неандерталците ловеле во шумите, а не на ладните, отворени предели како тундрите, како што се сметаше претходно.

Научниците од Универзитетскиот колеџ на Лондон заклучија дека далечните предци на денешниот човек живееле во потоплите шумски предели во кои им било многу поважно да бидат брзи отколку издржливи, бидејќи ловеле од заседа и од мала оддалеченост.

Се покажа дека во геномот на неандерталецот се застапени гени што се поврзуваат со сила и исклучителна физичка подготвеност во секој поглед, во споредба со денешните луѓе.

„Подеталната анализа на слоевите во кои се најдени фосилни остатоци укажува дека тие всушност живееле во исто време и на исто место како и животни од тоа доба за кои се знае дека опстојувале во потопли, шумски предели“, вели доктор Џон Стјуарт кој го водеше ова истражување.

„Во вакво опкружување, стратегијата на ловење заснована на брзина давала подобри резултати, што води до споредба со физичката подготвеност на врвни спортисти на денешницата. Неандерталците според градбата биле далеку послични на Усеин Болт, отколку на Мохамед Фара – биле мускулести, долгоноги и поспособни за спринт отколку за долга трка.“

Оваа теорија ја поддржуваат и генетичарите Џоен Дикман, Хју Монтгомери и Марк Томас од Универзитетскиот колеџ на Лондон.

Тие ги проучуваа генетските варијации за кои претходни истражувања покажаа дека се релативно почести отколку кај денешните врвни атлетичари, на кои спринтот им е примарна дисциплина.

„Утврдивме дека поголемиот дел од тие генетски варијации биле прилично типични за неандерталците и почесто се јавувале отколку кај денешните луѓе кои се генерално поиздржливи отколку екстра брзи“, објаснува доктор Дикман.

„Ние само го начнавме ова прашање, а секогаш постои можност и други фактори да влијаеле на градбата на неандерталците. Сепак, палеоантрополошките и генетските докази во овој случај се прилично ветувачки“, вели доктор Томас.

Извор: B92.net