YouTube објави дека ќе престане да препорачува толку многу видеа, кои вклучуваат конспиративни теории и други лажни тврдења. На овој начин компанијата се обидува да ги адресира тековните критики, дека нејзините алгоритми помагаат во ширењето на дезинформации, пишува „Волстрит журнал“.

Видеа кои може да ги „дезинформират корисниците на штетни начини“, како оние кои тврдат дека Земјата не е тркалезна, или ставаат под прашање кој стои зад терористичките напади од 11 септември, веќе нема да бидат препорачани со таква фреквенција, објави одделот на Alphabet во блог пост.

Промените во алгоритмите се направени по години поплаки дека YouTube промовира конспиративни теории.

Компанијата одамна тврди дека работи на тоа да се справи со проблемот во својата платформа, но така и немаше сериозен развој по случајот.

Видео-платформата почна да нуди повеќе авторитентни извори на вести за големи настани по смртоносното пукање во Лас Вегас во октомври 2017 година, кога беа пуштени повеќе видеа со дезинформации.

Со најновите промени, проблематичните видеа се уште може да се препорачаат, но не толку често како порано, велат од YouTube. Луѓето од компанијата и надворешните експерти ќе помогнат да се одреди квалитетот на видеото и ќе ги научат системите кои видеа да ги промовираат понапред, во однос на другите, јави организацијата.

YouTube тврди дека таргетира видеа, кои не секогаш ги прекршуваат правилата на нејзината заедница, но се блиску до тоа. Помалку од 1 отсто од целата библиотека на YouTube паѓа во оваа нова категорија видеа „на граница“, велат од компанијата.