Бројни Норвежани веќе уживаат во сите предности кои што ги носат електричните автомобили, а желбата на министерот за сообраќај на оваа скандинавска земја е постепено воведување и на електрични авиони.

Земјата со моментално најголем удел на електрични автомобили во однос на вкупниот број на возила на пазарот е Норвешка, а токму оваа земја сака да биде една од пионерите кога станува збор за електричните авиони.

Откако неодамна беше тестиран лет на мал електричен авион за две лица во кој што се возеше и министерот за сообраќај Кетил Солвик-Олсен, од норвешекото министерство најавија дека веќе до 2025-та година сакаат да овозможат комерцијални летови со електрични авиони.

Солвик-Олсен летот со електричниот авион го нарече доказ дека работите за брзо време се менуваат и тргнуваат кон посакуваната „зелена авијација“ и потсети дека двете најголеми компании за производство на авиони, Boeing и Airbus веќе развиваат електрични авиони. Кога на сето тоа ќе се додаде и падот на цената на батериите, се чини дека нивниот план според кој до 2040-та година над Норвешка ќе летаат само електрични авиони, не изгледа така невозможен.

Норвешкиот министер за сообраќај полета во „електричната иднина“ во авионот Alpha Electro G2 на словенечката компанија Pipistrel – станува збор за мал авион кој што тежи само 570 килограми и во кој летот е многу потивок во однос на класичните авиони. Сепак, министерот признал дека во авионот било тесно и многу се чувствувале ударите на ветрот.

Тој смета дека ваков тип на авион кој што уште некое време нема да може да им конкурира на класичните авиони кога станува збор за дометот, би бил идеален за Норвешка каде што луѓето често патуваат на оддалеченост од 200 километри, како и поради фактот што дури 98% од електричната енергија ја добиваат од обновливи извори на енергија.

Извор: Zimo.hr