Следејќи го примерот на голем број од апликациите, посебно оние поврзани со социјални мрежи, Facebook Messenger ја претстави „темната верзија“ на мобилната апликација. Нејзината намена е да ги заштити корисниците од зрачењето на екранот.

Според неколку извештаи, тест-верзија на Messenger Dark Mode се појави во повеќе земји од светот, но таа засега не е достапна за сите корисници.

„Како резултат на константниот притисок од надворешноста, Facebook Messenger почна со јавно тестирање на темна верзија на апликацијата во неколку земји од светот“, напиша на Twitter веб-програмерката Џејн Вонг.

Темната верзија на апликацијата работи на тој начин што ги менува нагодувањата на боите на екранот, со што ја намалува светлината која тој ја емитува. Не само што ги заштитува очите, туку темната верзија и ја штеди батеријата бидејќи зрачи значително помалку светлина од обичната верзија на апликацијата.

Пред Facebook Messenger да се реши на овој потег, темна верзија на апликацијата промовираа апликации како YouTube, Google Maps, Firefox и Twitter.