Интернет-порталите и маркетинг-агенциите не дочекаа државата да ја регулира анархијата во интернет-просторот и одлучија да се обидат сами да ги средат наталожените проблеми. Под покровителство на „ИАБ Македонија” (Асоцијација за унапредување на дигиталниот маркетинг во Македонија) успеаја да се обединат најголемите и највлијателни дигитални издавачи (портали) и најголемите маркетинг и ПР-агенции. Работната група што беше формирана за оваа активност ги лоцира сите предизвици, даде предлози за решение и го состави Саморегулаторен етички кодекс, кој беше едногласно усвоен.

Во Кодексот се дефинирани слободата на мисла и определување, забраната за дискриминација и повреда на правата на граѓаните, заштита на правото на приватност, почитување на авторските права, борба против лажните вести и друго. Посебно внимание е посветено на делот за транспарентност, каде што сите портали на својата интернет-страница, во делот на импресумот, треба да се декларираат со полно име, седиште, контакт, главен уредник…

Сепак, најголема новина е делот каде што се регулира преземањето вести од други портали. На овој начин ќе се издвојат само оние издавачи што имаат своја редакција или преземаат вести со одобрување од изворот. Се претпостатвува дека во следните неколку месеци на пазарот ќе останат само сериозните и влијателни портали. Сите оние што нема да добијат сертификат од Асоцијацијата, ќе значи дека нелегално или нетранспарентно работат, што ќе биде јавно објавено на страната на ИАБ. Ова воедно е и порака до бизнис-заедницата, која полесно ќе одлучи каде да ги огласува своите производи и услуги. Кодексот може да го преземете тука, а сите портали што сакаат да го добијат дигиталниот сертификат, може да аплицираат тука.

Собранието на здружението за интерактивно огласување „ИАБ Македонија“ едногласно го усвои предлогот за усвојување Саморегулаторен етички кодекс на добри професионални практики во дигиталното издаваштво на територијата на Македонија, со кој се пропишуваат правилата за фер, етички и добри професионални практики на медиумските издавачи во врска со креирањето и објавувањето содржини, производи и услуги што ги нудат преку своите дигитални медиуми.