Откако што ја засили прогнозата на испораките на телефони од 180 милиони на 200 милиони во август, Huawei претходно овој месец истакна дека ова достигнување ќе биде остварено до 25. декември. Huawei го одржа зборот и потврди дека досега испорачал над 200 милиони телефони.
Ова е нов рекорд за Huawei, кој е поттикнат од одличната продажба на P20, Mate 20 и Honor 10 уредите, истакнува компанијата во соопштението. Huawei телефоните се многу популарни во Кина и Европа. Од друга страна, смартфони од кинеската компанија речиси и да нема во САД.
Американските провајдери ги раскинаа договорите со Huawei, откако Владата на оваа земја им препорача на потрошувачите да не купуваат Huawei телефони. Сепак, и покрај ваквата состојба на пазарот, на Huawei му оди толку добро на останатите пазари што успеа да го престигне Apple и да стане втор најголем производител на паметни телефони, зад Samsung.
Според наводите на Huawei, преку 500 милиони луѓе во повеќе од 170 земји ги користат телефоните на кинескиот производител. Тоа е импресивно достигнување, ако се знае дека компанијата пред осум години испорача само три милиони смартфони.
Поврзани артикли