Археолозите открија седла и скаменети остатоци од впрегнат коњ во нешто за кое се верува дека било штала на древна вила во предградието на Помпеја, срушен и делумно затрупан град близу денешен Неапол.

Директорот на археолошкиот парк, Масимо Осана, за италијанската новинска агенција АНСА изјавил дека вилата му припаѓала на високопозициониран римски воен претставник, можеби дури и на генерал.

Тој додал дека биле откриени остатоци од уште два или три коњи, пренесе АП.

Помпеја е древен град кој бил уништен за време на ерупцијата на вулканот Везув во 79-та година од нашата ера, а Осана смета дека коњите настрадале поради гушење со вулкански пепел или поради топлата пареа.

Осана исто така изразил надеж дека во текот на следната година вилата ќе биде отворена за јавноста.