Контоверзниот милијардер Елон Маск ги изненади корисниците на „Твитер“ со неговата идеја дека доколку навистина сакаат да го променат светот, луѓето треба да работат по 80 часа неделно, јавува „Бизнис инсајдер“.

Зборувајќи за компаниите што ги има основано, „Тесла“, „Спејс екс“, „Боринг компани“ и „Неуралинк“, Маск напоменува: „Знам дека е полесно да се работи на некои други места, но никој никогаш не го променил светот работејќи 40 часа неделно“.

Кога на „Твитер“ го прашале колку работни часа неделно се потребни за да се направи тоа, Маск одговорил: „Зависи од личност до личност, но сметам дека доволно би биле 80 часа. Понекогаш и 100. Чувството на тежината на работата експоненцијално се зголемува по 80 часа работа неделно“.

Елон Маск месецов за технолошкиот портал „Рикоуд“ опиша дека работи околу 120 часа неделно, а вработените во „Тесла“ годинава знаеле, доколку е потребно, да извлечат и 100 работни часа во текот на неделата, во периодот пред промоцијата на новиот автомобил „модел 3“. Додаде дека фирма како „Тесла“ не би преживеала на пазарот дококу не работи толку напорно.

Дел од вработените во компанијата „Тесла“  изјавиле за „Бизнис инсајдер“ дека навистина работат премногу, додека, пак, некои кажале дека повеќе им одговара на работа да се 70 или повеќе часови неделно.