Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) го одбележува Светскиот ден на храната, 16 Октомври, со донација на свеж органски зеленчук на Центарот за бездомници во Чичино Село Скопје во соработка со Црвениот крст на Македонија.

По иницијативата на претседателот на Управниот одбор на МАСИТ,  Горан Попоски, беа обезбедени средства за 100 килограми свеж органски зеленчук. Донатори во оваа акција се компании и физички лица – членови на МАСИТ и учесниците на овогодишната конфереција на МАСИТ, Дигитална трансформација на Македонија, која се одржа минатиот месец, а на која една од клучните теми беше употребливоста на дигитализацијата за добри цели.

Органскиот зеленчук е набавен од Социјалното претпријатие „Покров“ од Струмица, чиј модел на работа и одгледување зеленчук вклучува лица кои се на третман од зависности во функција на излекување.

Со оваа општествено-одговорна акција, МАСИТ и донаторите реализираа двократна општествена корист: набавка на зеленчук од социјално претпријатие и донација на органски зеленчук на бездомни семејства, каде што во пресрет на постудените месеци потребата од оваа храна е потенцирана.

Одбележувањето на Светскит ден на храната е суров потсетник дека дел од популацијата сè уште се бори со елементарната потреба – храна. Оваа општествено-одговорна акција на МАСИТ е една од низата активности што комората ги презема во соработка со своите членки и соработници.