Жена од Тексас, на која властите ѝ доделиле скриен идентитет, односно Џејн До, го тужи Facebook бидејќи, како што тврди, макрото кој го запознала на социјалната мрежа ја силувал, тепал и сексуално искористувал кога имала 15 години, со дообјаснување дека директорите на компанијата знаеле дека на социјалната мрежа се мамат малолетници за сексуална трговија.

Таа поднела тужба против Facebook и основачот на порталот „Бекпејџ“ до судот во Хјустон, пренесува „Ројтерс“.

Во образложението на жалбата се наведува дека таа била навлечена на разговор со корисник кој на социјалната мрежа во 2012 година ѝ се претставил како пријател на неколку нејзини познаници.

Жената тврди дека овој човек, откако во една пригода имала расправија со својата мајка, се понудил да ја утеши, но откако ја качил во автомобил, ја силувал и тепал, а нејзини фотографии објавил на порталот „Бекпејџ“.

Се наведува и дека Facebook не направил доволно за да се верификува идентитетот на корисникот, за кој во тужбата се наведува дека бил лажен, а се додава и дека жртвата немала никаква идеја оти на социјалните мрежи оперираат трговци со сексуални услуги.