Холандската служба за безбедност (AIVD) денеска ја советуваше својата влада да не користи технологии од земји кои спроведуваат активни кампањи за хакерски напади врз Холандија, како што се Кина и Русија.

Оваа препорака доаѓа во време кога холандската влада ги разгледува можностите за новата 5G телекомуникациска мрежа за наредните години и се обидува да ја замени својата домашна мрежа за итни служби, позната како C2000, објави Reuters.

AIVD ги обележала кинеските и руските обиди за дигитална шпионажа како главен безбедносен ризик.

“Не е пожелно Холандија да разменува чувствителни информации или нашите витални процеси да зависат од хардверски и софтверски компании од земји што работат активни сајбер програми против холандските интереси”, се наведува во годишниот извештај на AIVD.