Uber откри која е причината зошто еден од тестните автомобили од нивната флота на автономни возила усмрти пешак, пишува “The Information”.

Од компанијата веруваат дека сензорите на модифицираниот Volvo XC90 ја регистрирале 49-годишната Елејн Херзберг додека го преминувала патот, но софтверот “проценил” дека не мора да сврти и да го избегне пешакот, веројатно оценувајќи ја детекцијата на сензорот како “лажно позитивна”.

Изворите на The Information тврдат дека постојат бројни ситуации во кои компјутерите кои управуваат со автономните возила можат да забележат нешто што наликува на човек или друг вид на препрека.

Прагот за реакција во софтверот бил калибриран толку ниско што системот го препознал човекот кој го преминува патот на велосипед и одлучил дека не е потребен никаков маневар за избегнување, пренесува The Verge.

Иако во моментот на несреќата во автомобилот на Uber се наоѓала личност која требала да ја преземе контролата над возилото, на снимката се гледа дека таа, наместо пред себе, гледа на страна.

По несреќата која се случи во март оваа година, Uber  ги прекина тестирањата на своите самоуправувачки возила. Тие и понатаму соработуваат со американскиот Национален одбор за сигурност во сообраќајот, кој треба да го објави прелиминарниот извештај од првите резултати од истрагата.

Од компанијата порачуваат дека активно соработуваат со Националниот одбор во истрагата и дека не можат да ги коментираат деталите од несреќата.