Twitter напорно работи за да ги задоволи сите корисници, но понекогаш прави потези кои се генерално лошо прифатени. Еден од нив е алгоритмичната почетна страница, која предизвика многу негативни реакции кај корисниците.

Во 2016 година Twitter воведе алгоритмична почетна страница која требаше да им помогне на корисниците полесно да ги наоѓаат твитовите на луѓето со кои се најчесто во комуникација. Тоа се покажа како непопуларна одлука на раководството на Twitter.

Последните неколку месеци почетната страница на Twitter доживеа неколку промени, но ниту тие не успеаја да го сменат мислењето на корисниците, па поради тоа од компанијата решија дека ќе мораат да направат драстична измена. Со новите измени корисниците би требало да можат да одберат помеѓу алгоритмичен и хронолошки тајмлајн, што би ги комбинирало двете работи по избор на сопственикот на профилот.

„Работиме на опција која ќе ви дозволи да одберете помеѓу прикажување на најпопуларните твитови на врвот на почетната страница и прикажување на најновите твитови на врвот. Ќе ја тестираме оваа измена во наредните неколку недели, а во меѓувреме направивме измени и на опцијата ‘Show the best tweets first’, која овојпат најгоре ќе ви ги прикажува само најпопуларните твитови од луѓето кои ги следите“, пишуваше на официјалниот профил на Twitter.

Поголемиот дел од социјалните мрежи се свртеа кон користење на алгоритмична почетна страница со цел да го подобрат корисничкото искуство, но тоа помина негативно кај голем дел од корисниците. Facebook „крие“ одреден дел од објавите, Instagram има конфузна и нелогична почетна страница а Twitter понекогаш „заборава“ да ги прикаже твитовите на некои од луѓето кои ги следите, додека истовремено прикажува твитови од луѓе кои ниту ги следите, ниту пак ве интересираат.