Познатиот француски производител на шампањско Mumm Champagne доби оригинална идеја да произведе шампањско кое ќе им овозможи на идните астронаути и вселенски туристи да уживаат во овој пијалак во услови на микрогравитација без опасност да го уништат вселенскиот брод.

Во ново шише е сместено шампањското Mumm Grand Cordon Stellar, кое го промовира и Усеин Болт, а наздравувањето и пиењето во услови на микрогравитација го тестираа во посебно дизајниран авион кој создава услови на микрогравитација со летање во парабола, пишува Vidi.hr.

„Вселенското шише“ го направи дизајнерот Октав де Гол, а шампањското се наоѓа во горниот дел на шишето, додека во долниот дел има посебен вентил кој на притисок испушта топче пена која потоа се лови со чашата, додека останатиот дел од течноста останува безбедно во шишето.

Не е познато кога ќе се најде ова шампањско во вселената, но компанијата Mumm Champagne направи фантастична и оригинална промоција, па многу е веројатно дека многу шишиња од ова шампањско ќе се испијат на Земјата.