Една од големите загатки на еволутивната биологија е онаа околу тоа што предизвикува одредени живи суштества да го напуштат осаменото постоење во корист на живеење во заеднички општества, како што е тоа во случајот на мравките и други социјални инсекти кои формираат колонии, пишува Science Daily.
Главна карактеристика на таканаречените еусоцијални видови е поделбата на трудот помеѓу кралиците што ги поставуваат јајцата и работниците кои се грижат за потомството и вршат други задачи. Но, што е тоа што одредува дека кралицата треба да положува јајца, а дека работниците не треба да се размножуваат?
Еволутивните биолози открија сосема неочекуван одговор: еден единствен ген наречен инсулински пептид 2 (ILP2), кој веројатно се активира со подобра исхрана, ги стимулира јајниците и предизвикува размножување.
“Изгледа речиси незамисливо дека само еден единствен ген ја прави разликата“, истакна еволутивниот биолог Ромен Либрехт. Истражувачите го извлекоа својот заклучок од споредбата на 5.581 гени во седум видови на мравки во четири различни подфамилии кои се разликуваат едни од други во поглед на бројни карактеристики.
Но, во една работа сите тие се слични: секогаш постои поголем израз на ILP2 во мозокот на репродуктивни инсекти. Така, кралиците имаат повисоки нивоа од работниците. Друг наод покажал дека овој пептид се наоѓа само во мозокот, каде што се произведува во мала група од само 12 до 15 клетки.