Јапонија вели дека Месечевата бездна со 50 километри должина и 100 метри широчина би можела да биде користена како база за астронаути и нивна опрема

Научниците со векови фантазираат за колонизација на Месечината од страна на човештвото. Тој ден можеби се приближи, откако Јапонската вселенска агенција соопшти дека е пронајдена огромна пештера под површината на Месечината, која може да се претвори во истражувачка база на астронаутите.

Откритието од Јапонската сонда SELENE доаѓа откако неколку земји се натпреваруваат да ги следат САД во праќање на мисија со екипаж на Месечината.

Користејќи радарски систем кој може да истражува подземни структури, орбитерот првично пронашол отвор со широчина и длабочина од 50 метри, поттикнувајќи шпекулација дека може да станува збор за поголема шупливост.

Оваа недела научници на Јапонската агенција за истражување на воздушниот простор – ЈАКСА (Japan Aerospace Exploration Agency – JAXA) го потврди присуството на пештера откако тие ја истражиле шуплината користејќи радио бранови.

Јазот, 50 километри долг и 100 метри широк, според податоците испратени од орбитерот, се чини структурно здрав и неговите карпи може да содржат мраз или наталожена вода, што може да бидат претворени во гориво.

Jaxa верува дека пештерата, сместена од неколку десетици метри до 200 метри под област на вулкански куполи познати како Мариус Хилс, на блиската страна на Месечината, е тунел создаден од лава за време на вулканската активност пред околу 3.5 милијарди години.

„Знаевме за овие локации за кои се сметаше дека се тунели од лава… но нивното постоење не беше потврдено досега,“ вели Јуничи Харуама, истражувач во ЈАКСА. Тунелите од лава можеби се најдобриот кандидат за идна локација на лунарна база поради нивните стабилни термални услови и потенцијал да ги штитат луѓето и инструментите од микрометеорити и космичка радијација.

„Истата стабилна и заштитена средина што ќе биде од корист за идни истражувачи ги прави примамлива цел за научни изучувања. Внимателно испитување на нивната внатрешност може да обезбеди уникатен увид во еволуциската историја на Месечината.“

Агенцијата вели дека комората може да се користи како база за астронаути и нивната опрема бидејќи би ги штитела од екстремните температури, кои варираат во рамките на 107 степени во текот на денот и -153 степени навечер, и радијацијата од Сончевите ултравиолетови зраци.

„Всушност, сè уште не сме ја виделе внатрешноста на самата пештера, така што има големи надежи дека истражување на истата ќе даде повеќе детали,“ вели Харуама.

Истражувањето ќе ги поттикне плановите на неколку земји да пратат астронаути на Месечината речиси половина век после мисијата Аполо 11.

ЈАКСА неодамна објави дека има за цел да прати Јапонски астронаут на Месечината за првпат до 2030-та година, веројатно како дел од интернационална мисија.

Уште еден знак дека битката за надмоќ помеѓу САД и Советскиот Сојуз за време на студената војна е заменета од Азиската вселенска трка, е дека Кина објави дека сака да ја изведе првата мисија со екипаж до Месечината околу 2036-та година како дел од нивните амбициозни програми за истражување на Месечината и Марс. Минатата година кажаа дека имаат планови да создадат колонија таму.

„Нашата долгорочна цел е да истражуваме, да слетаме и да се сместиме,“ соопшти за BBC Ву Вирен, главниот дизајнер на Кинеските мисии за Марс и Месечината. „Сакаме екипажот кој ќе се спушти на Месечината да остане подолг период и да основа истражувачка база.“

Русија, исто така, соопшти дека со надеж ќе почнат да гради човечка колонија, првично за само четири луѓе, на Месечината до 2030-та година.

Кина, Русија, Индија и САД имаа успешни слетувања на Месечината без екипаж, но САД е единствената држава што испрати луѓе на површината на Месечината.

Текстот е преземан од веб-страницата на Скопско астрономско друштво www.astronomija.mk