Новите податоци за вакцината на Универзитетот Оксфорд и фармацевтската компанија Астра Зенека покажаа дека таа обезбедува ограничена заштита против послабата форма на јужноафриканскиот сој на коронавирус.

Резултатите се од студија спроведена на над 2.000 лица. Сè уште не е утврдено дали вакцината штити од појаката форма на Ковид-19, предизвикана од позаразниот вид од Јужна Африка, пренесе BBC.

Во Велика Британија досега се откриени повеќе од 100 случаи на зараза со јужноафриканскиот вид на коронавирусот.

Портпаролот на Астра Зенека изјави дека компанијата сè уште не може да утврди дали вакцината може да го спречи развојот на потешката форма на Ковид-19, предизвикана од јужноафриканскиот вид, бидејќи студијата е направена главно на помлади, здрави луѓе.

Компанијата, истовремено, соопшти дека е убедена дека вакцината обезбедува заштита од посериозните случаи, бидејќи создала антитела слични на оние произведени од други вакцини против коронавирус.