Маглината Карина (NGC 3372) претставува масивен регион во склоп на Млечниот пат каде што се создаваат ѕвезди. Официјално оваа маглина е откриена од страна на францускиот астроном Николас Луи де Лакај во 1750тите, а се наоѓа на 300 светлосни години, и толку е голема и светла што е лесно да се забележи со голо око. Доколку се набљудува со телескоп таа открива многу детали. Но, дел од тоа што ја прави оваа маглина извонредна за аматерите, претставува ноќна мора за професионалните астрономи – а тоа се прашината и сјајниот гас кои го попречуваат видикот кон процесот на формирање на нови ѕвезди, затскриени позади темните облаци од прашина.

Но, инфрацрвените инструменти кои се способни да насетат топлина, можат да навлезат во поладната прашина и гасови на маглината и да истражат што се случува во внатрешноста. Неодамнешните снимки од Visible and Infrared Survey Telescope for Astronomy (VISTA), најголемиот инфрацрвен телескоп во светот задолжен за астрономски истражувања, им помагаат на научниците да добијат подобар поглед за тоа што се случува во внатрешноста на овој регион. Досега, VISTA овозможи научниците да идентификуваат речиси 5 милиони индивидуални извори на инфрацрвена светлина во маглината, забележувајќи формирање на ѕвезди кои се дури еднa десетина од масата на сонцето. Многу од овие извори се или ново откриени или пак многу малку проучувани кластери на млади ѕвезди.

Слично како и кај други, региони каде што се одвива процесот на формирање на ѕвезди, маглината Карина е прилично динамична и подложна на побрзи промени од некои други типови на астрономски објекти видливо на небото. Еден од најдобро познатите детали претставува Eta Carinae, интензивен бинарен ѕвезден систем, кој пред помалце од два века бил една од најсветлите точки во јужната хемисфера и втората најсветла ѕвезда на небото. Денес, таа останува видлива со голо око, иако емитуваната светлина е подложна на чести промени како резултат на ѕвездената активност. Ѕвездите се исто така опколени од познатата маглина Homunculus, структура која се наоѓа надвор од системот.

Друг интересен детал е маглината Keyhole, густ облак од гас кој се протега близу Eta Carinae и вклучува неколку масивни ѕвезди кои активно го менуваат обликот на облакот во последните неколку стотини години.

Со текот на времето, младите ѕвезди ја уништуваат маглината каде што се создадени. Енергетската светлина и другите честички кои тие ги емитираат ги уништуваат гасовите и прашината кои се наоѓаат околу нив, со што остануваат само ѕвездите. Но, раните фази на процесот на создавање на ѕвездите се уште претставуваат мистерија, а инфрацрвените набљудувања претставуваат материјал кој е клучен за астрономите да ја пополнат сложувалката како нашата галаксија но и другите создаваат нови ѕвезди и планетарни системи.