На брегот во источна Индонезија исплови мртов кит, кој во стомакот имал многу ѓубре, вклучувајќи и 115 пластични чаши и две влечки „апостолки“.

Директорот на Националниот парк Вакатоби, Хари Сантозо, денеска изјави дека спасувачите го пронашле трупот на 9,5 метри долгиот кит во понеделникот вечерта на островот Вакатоби во југоисточната провинција Сулавеси, пренесе агенцијата АП.

Според него, станува збор за мажјак во чиј стомак биле пронајдени 5,9 килограми ѓубре, 115 пластични чаши, четири пластични шишиња, 25 пластични кеси, две „апостолки“, една најлонска торба и повеќе од 1.000 други пластични предмети.

Причината за смртта на китот не е докрај разјаснета, а ќе биде погребан без обдукција затоа што телото е во фаза на распаѓање.