Дански археолози открија јагленисани парчиња леб, печени пред 14.400 години во североисточниот дел на Јордан. Лебот беше откриен за време на ископувањата од страна на истражувачите од Универзитетот во Копенхаген, Универзитетот Кембриџ и Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Археолозите од Копенхаген ги проучувале остатоците од јагленисана храна во населбата Шубајка 1, каде пред неколку илјади години живееле праисториски племиња, пишува во соопштението на универзитетот од данската престолнина.

Лебот што е пронајден на територијата на денешен Јордан е најстариот леб што некогаш бил откриен, се појаснува во извештајот.

„Сега знаеме дека производи слични на леб биле произведувани многу пред развојот на земјоделството“, вели главниот автор на студијата, научничката Амаија Аранц Отеги.

„Следниот чекор е да се утврди дали производството на ваквиот леб влијаело врз појавата на растителни култури и развојот на земјоделството воопшто“, додава Отеги.

Археолозите сметаат дека долготрајната природа на печење леб со помош на дива пченка, можеби ги охрабрила луѓето од тоа време самите да одгледуваат пченка.

„Начинот на собирање храна од овој период е особено интересен за нас. Тие преживувале и собирале храна во праисторискиот период кога исхраната почнала значително да се менува“, вели археологот Тобиас Рихтер, кој бил дел од археолошките ископувања во Шубајка 1.

„Остатоците од лебот во Шубајка 1 се најстариот доказ за постоење и печење на леб, кој покажува дека печењето е измислено пред садењето на растенија“, додава истражувачот.