Фејсбук и Твитер објавија дека ги суспендирале или отстраниле корисничките профили поврзани со Иран и Русија поради “невнимателно” или “манипулативно” однесување.

Повеќе од 650 страници и групи на Фејсбук се тргнати поради “погрешно” известување, рече основачот на оваа социјална мрежа, Марк Закерберг.

Твитер суспендираше 284 профили поврзани со Иран, објави Би-Би-Си.

Акцијата следуваше еден ден откако “Мајкрософт” објави дека ги спречил руските сајбер-напади врз американските конзервативни групи.

Фејсбук објави дека истрагата траела со месеци и дека се откриени поголем број на профили со “не-автентично однесување” кои биле поврзани со кампањи кои потекнуваат од Иран и Русија.

“Ние го забрануваме ова однесување, бидејќи сакаме луѓето да имаат доверба во вестите што ги читаат”, соопштила компанијата.

Социјалната мрежа додаде дека истрагата е во тек и дека таргетот на кампањата биле корисници на разни услуги на Блискиот Исток, Латинска Америка, Велика Британија и САД.

Социјалните мрежи тргнаа во акција врз основа на извештај од безбедносна компанија кој откри бројни кориснички профили кои ги промовираат политиките на Иран.

Фејсбук тогаш тврдеше дека има воспоставено врска со овие сметки, вклучувајќи 76 страници на Instagram, со ирански државни медиуми.

Некои од овие кампањи се креирани во 2011 година и се поврзани со политиката на Блискиот Исток со содржина на арапски и фарски јазик. Овие профили споделувале и политички содржини од Велика Британија и САД на англиски јазик, рече Фејсбук.

Другите профили, кои властите на САД претходно ги поврзаа со руските воени разузнавачки служби, исто така беа отстранети.

Фејсбук објави дека ги известил властите на САД и Велика Британија за информациите кои ги открил.