Пред 8 месеци пишувавме за неутралноста на интернетот и можноста за уништување на оваа придобивка. На вчерашната седница на Федералната комисија за телекомуникации беше изгласано повлекување на претходниот законски пропис кој на интернет провајдерите им оневозможуваше блокирање или намалување на брзината на сајтови или да нудат побрз пристап кон одредени сајтови за повисока цена. Според досегашната регулатива, провајдерите не смееја своеволно да блокираат сајтови, да вршат цензурирање, да намалуваат брзина кон сервиси за стриминг (Netflix, Youtube) итн. Гласањето помеѓу членовите на комисијата беше со резултат 3 спрема 2. Засега останува само обврската на интернет провајдерот да објави дека на некој начин прави опструкција на некој сајт или сервис.

Барањата за овие промени потекнуваат токму од интернет провајдерите кои во сето ова гледаат можност за зголемен профит. Бараната промена беше успешна со доаѓањето на Ajit Pai на чело на оваа комисија, а на таа позиција е поставен од Donald Trump. Според стручните лица кои го бранеа ставот за опстанот на неутралноста на интернетот, оваа промена игра сериозна улога во корист на најголемите играчи на пазарот, т.е. оние кои ќе можат да платат повеќе, а не треба да се заборави дека голем дел од сајтови, сервиси и компании започнале како мали проекти во некоја гаража или студентски дом (Facebook, Google, Microsoft), а новата ситуација ќе ги „проголта“ новите и мали играчи.

Можеби ќе се запрашате „каква врска имаме ние со ова во Америка.“ Не заборавајте дека голем број на сајтови кои и во нашата држава се меѓу најпопуларните, се сајтови од САД (Facebook, Youtube, Google, Instagram…) па менувањето на позицијата на интернет провајдерите во САД кон овие сајтови ќе се одрази на нивната работа, а и опстојување и низ другиот дел од светот.