Apple се подготвува да излезе со верзија на MacBook која ќе има пониска цена и Mac Mini со повисоки перформанси подоцна оваа година, изјавија извори за Блумберг. Со оглед на лошата продажба на Mac во последниот квартал (13 проценти полошо од истиот период во 2017 година), овие нови верзии би можеле да внесат живост во сериите кои во голема мера беа во стагнација во текот на последните неколку години. Иако компанијата се уште нема излезено со детали, додадените функции вклучуваат некои што потрошувачите веќе со години сакаат да ги добијат.
Ниско-буџетниот лаптоп ќе биде сличен на сегашниот MacBook Air, но со потенки рамки околу екранот – што, конечно, ќе биде Retina дисплеј. Air линијата oстана последната линија на производи што Apple не ја надгради со поостриот екран, а причина за тоа е намалување на трошоците и избегнување на брзото трошење на батеријата.
За Mac mini исто така е најавена надградба, а последен пат тој беше надграден пред околу четири години. Новата верзија ќе биде наменета за професионалци, надградена во делот на меморијата како и функционалностите во процесорот, иако тоа веројатно ќе го направи поскап од претходните верзии, според изворите на Блумберг. Додека надградените верзии би можеле да ја зголемат продажбата на овие производи, компанијата не ги заборава ни своите бестеселери: Apple планира да пласира три нови iPhone-и, Apple Часовници со поголеми екрани и нови iPad Pro за време на својата типична октомвриска сезона, Блумберг додава.